За власта механизам да се обезбедат струја и парно, за опозицијата можност да се сокрие трошењето народни пари. Пратениците со различно толкување за продолжувањето на кризната состојба во енергетиката. Според ВМРО-ДПМНЕ, владата е неподготвена за претстојната грејна сезона, па наместо да обезбеди топли радијатори, се подготвува за протести.
„Вие треба да и објасните на македонската јавност, зошто, во плановите на Центарот за управување со кризи има можни сценарија за рестрикции на топлинска енергија, како и на справување со потенцијалните девијантни појави за нарушување на јавниот ред и мир“.
Власта пак уверува дека скопјани ќе имаат топли радијатори. Во завршна фаза било формирањето на државната компанија за производство на топлинска енергија.
„Тоа што Адора и ЕСМ преговараат, кога ќе дојде на Влада, како основач на ЕСМ, тогаш ќе одлучиме. Се додека преговараат, тоа е исто како да лажете, освен ако не се ваши фирми, да кажете дека знаете што они преговараат. Јас гарантирам дека на 15ти октомври, граѓаните на Скопје, ќе имаат топлинска енергија“.
Расправата во матичната комисија за продолжување на кризната состојба завршува денеска, а неофицијално, пред пратениците на пленарна седница ќе се најде утре.