Денеска во Клубот на новинари се одржа комеморација во чест на починатиот колега Саше Димовски. Покрај неговото семејство, присутни беа колеги од различни медиуми, судии, обвинители и пријатели. За неговите професионални и лични придонеси во новинарската фела зборуваа Васко Маглешов, Младен Чадиковски, Убавка Јаневска, Ленче Здравкин, Аслан Вишко и Огнен Јанески.
Во рамките на комеморацијата, харфистката Мерсиха Шукри имаше музичка посвета во чест на колегата Саше.
Говорниците се осврнаа на почетоците и развојот на професионалната кариера, нагласувајќи го неговиот посветен пристап кон работата и непоколебливата заложба за откривање и пренесување на вистината. Неговата работа беше обележана со уникатен новинарски пристап, што го направи пример за многу млади новинари и колеги.
Како долгогодишен член на ЗНМ и претседател на Советот на честа при Здружението, Димовски значително придонесе кон зајакнување на професионалните стандарди и интегритетот на новинарската професија во Македонија, особено преку неговиот, како што истакнаа и колегите „професионален рендген за најтемните ќошиња од секторот правда“.
Под негово водство, Советот на честа при ЗНМ постигна значителен напредок во унапредувањето на етичките норми и заштитата на новинарските права, оставајќи наследство кое ќе продолжи да влијае врз идните генерации новинари. Следствено, на комеморацијата се даде и идејата во иднина да се востанови награда за истражување во правосудството, која би го носела неговото име.
ЗНМ изразува длабока благодарност и почит кон Саше Димовски за неговиот неизмерлив придонес и посветеност кон новинарството и организацијата, како и на платформата Јасно.мк. Неговата професионалност, етика и ангажман ќе останат запаметени и ќе служат како инспирација за сите кои ја продолжуваат неговата мисија за објективно и одговорно информирање на јавноста.
Саше Димовски работеше како новинар од 1996 година. Работниот век го мина во бројни телевизии „Канал 5“, „Сител“, „Алфа ТВ“, ТВ „24 Вести“ како и во неделникот и дневниот весник „Фокус“ на позиција новинар и уредник.
Соработуваше со повеќе дневни и неделни изданија, локални и регионални тв медиуми. Основач е на граѓанската организација и онлајн медиумот СВЕДОК од 2015 година.