По веста дека си замина 47-годишниот новинар Саше Димовски, одличен познавач и хроничар на состојбите во правосудството, неговите колеги и пријатели во објавите во медиумите и на социјалните мрежи се простуваат од него.
Саше Димовски боледуваше од дијабетес, по што му беше ампутирана ногата, а имаше и други здравствени компликации.
И покрај тоа, работеше неуморно. Беше претседател на Совет на чест на ЗНМ, а неодамна беше именуван во Комисијата за помилување на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Во продолжение дел од реакциите на неговите колеги и пријатели.
Сузана Јошевска Анастасовска, адвокат за Димовски ќе напише:
„Нè напушти другар. За неговите професионални новинарски достигнувања, способности, знаења, умеења и интегритет ќе оставам да кажат колегите и сигурна сум дека ќе го опишат Саше онака како што јас никогаш не би можела.
Но, мене ме напушти другар. Кој секогаш креваше телефон, кој секогаш беше тука ако треба, со кој сме имале бескрајни разговори и смеење. За неговиот сарказам, отвореност, аналитичност, бескомпромисност, инсистирање за следење на законот и етиката, ќе зборуваат долго и неговите пријатели и неговите непријатели.
Мене ќе ми фали другар. Ќе ми фалат пренковите кои им ги правеше на нашите вработени на телефон, ќе ми фалат меѓусебните зафрканции за трчањето и неговиот недостаток, ќе ми фали неговиот смисол за хумор, пред се, на своја сметка.
Во правосудни кругови, додека јас имам кариера, ќе се зборува за Саше, зошто пред него немало, а после него нема да има таков човек. За тоа дека загубивме „гугл“ на „тајните“ врски во судството ќе оставам сите да осетиме празнина. И ќе осетиме.
Јас ќе бидам тажна за другарот Саше. Последниот муабет го завршив со – Еј Саше, вака до 101… морам да работам, ајде! Ајде. Ајде Саше. Светол пат“.
Васко Маглешов од БИРН Македонија вели: „Последен пат се чувме на втори август. Беше во болница. Го примиле поради ослабено срце. Зборевме половина час. Ми рече дека е подобар и дека ќе го пуштат најкасно до вторник. Ќе ми недостасува твоето енциклопедиско знаење за темните ќошиња од правосудството, професионалната зајадливост, хуморот и долгите часови муабети и правни толкувања. Никогаш не се жалеше. Беше живот претворен во борба. Нека ти е светол патот, другар. Нѐ остави занемени и скршени“.
Александар Методијев од Дојче Веле пишува: „Почивај во мир Саше. Каква грозна вест. Нема никој да го замени во неговото познавање на судството. Јас нема никогаш да заборавам колку ми помогна пред едно вклучување во живо на вести на Канал 5. И нема да заборавам како на смеа си ги кажуваше проблемите со кои се соочуваше. Нема да заборавам и дека се бореше со еден, па друг здравствен проблем, без потклекнување на првиот проблем и до последно. Нека е пример за сите како треба“.
„Со штотуку наполнети 19 години редакцијата ми изгледаше како сцена од здодевен филм. Нељубезни и нервозни фраери и амбициозни женски. Професионална просечност и ендемска неталентираност, ама и злобност, гордост и надменост. Ужас.
На само едно од лицата можеше да се пронајде љубезност, искреност и добар хумор. Затоа и се заебававме до бескрај. Башка за копје беше подобар од останатите новинари.
Царство небесно Саше“ напиша новинарот Срѓан Ивановиќ.
Новинарот Горан Момироски пак напиша „Укажи им и горе на сите кога грешат како што тоа го правеше овде долу храбар човеку. Македонија загуби критичар и голем човек. Чест ми е што те познавам. Сочувство до семејството на Саше Димовски. Вечна слава!“.
„Ах бе Саше… Уште те чекам да се појавиш од некаде да ја демантираш оваа лоша вест да речеш проверувај од три извори Мирославо! Не постоеше поправичен од тебе во Советот на честа на Здружението на новинарите, ниту пак постоеше некој новинар што подобро го разбираше судството. Имаше во тебе бунт ама не тинејџерски туку стручен. Ми е жал што се нервираше за се и сешто во оваа држава. Остроумен и не се предаде никогаш. Ти за мене беше Саше и ќе останеш најдобриот новинар што Македонија го имала во областа на судството. Почивај во мир“ објави новинарката Мирослава Симоновска.