
Кокаљ и Злобко се нови словенечки министри за правда и за внатрешни работи
Кокаљ и Злобко доаѓаат на местото на Андреја Катич и Боштајн Поклукар, кои поднесоа оставки по убиството на 48-годишен маж во Ново Место.
Националното собрание, Долниот дом на Парламентот на Словенија денеска ги изгласа Андреја Кокаљ за нова министерка за правда и Бранко Злобко за нов министер за внатрешни работи.
„За“ нивното именување гласаа 51 пратеник, а 18 беа „против“. Тие се предлог на премиерот на Словенија, Роберт Голоб, кој не присуствуваше на седницата.
Новите министри добија поддршка од владејачката коалиција составена од Движењето Слобода, социјалдемократите и Левицата, а опозициските пратеници од Словенечка демократска партија гласаа „против“.
Кокаљ претходно беше државната секретарка во Министерството за правда а Злобко беше пратеник од партијата Движење слобода.
Тие веќе положија заклетва во Долниот дом.
Кокаљ и Злобко доаѓаат на местото на Андреја Катич и Боштајн Поклукар, кои поднесоа оставки по убиството на 48-годишен маж во Ново Место.
Според пратениците од Словенечка демократска партија, наместо министрите оставка требаше да поднесе премиерот Голоб, бидејќи јавно признал дека државата не била во состојба да се справи со ситуацијата во југозападниот дел на земјата.
Ноќта на 25 октомври во центарот на Ново Место маж бил нападнат од група Роми, кои му се заканувале на неговиот син. Тој претрпел сериозни повреди на главата, од кои починал во болница.