Црногорската полиција откри поголемо количество кокаин скриено во палети со ѓубриво за печурки тартуфи во пристаништето Бар, јави „Вијести“ од Подгорица.
Информациите се дека дрогата била запленета вчера, бидејќи товар од 400 килограми хемиско ѓубриво помешано со кокаин, одзел албански државјанин и се упатил кон Тирана, по што следеле апсења во околината на главниот град на Албанија.
Дрогата пристигнала во пристаништето Бар во средината на јули годинава, но полицијата одлучила да го одложи конфискувањето на кокаинот додека не се појави нарачателот, односно додека не се провери товарот.
Албански државјанин ја зел пратката во четвртокот, а црногорски и албански полицајци го следеле кон Албанија, по што на територијата на таа земја следела акција за апсење, пишува „Вијести“.
Според тој медиум, во акцијата на следење и одземање на дрога била вклучена и специјализираната американска агенција за борба против дрога и сузбивање на наркотици ДЕА.
По откривањето на сомнителен товар од 20 палети натоварени со вештачко ѓубриво, според Црногорското обвинителство, било утврдено дека во вреќите бил расфрлен хемиски распаднат кокаин.
Полицијата и обвинителството на Црна Гора засега не соопштуваат ништо за заплената.
Подгоричкиот весник наведува дека нарачателот на товарот е лице од Тирана, а медиумите во Албанија пренесуваат дека во таа земја досега се уапсени 15 лица за кои постои сомневање дека се поврзани со сомнителната пратка.
Ова е трета заплена на поголема количина кокаин откриена на територијата на Црна Гора од август минатата година.