Безмалку 6 милиони луѓе во светот починаа како последица на Ковид-19 од почетокот на избувнувањето на пандемијата, покажуваат денешните податоци на веб-страницата „Ворлдметар“.
Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, од коронавирусот починале вкупно 5.999.158, а според експертите, „на епидемијата се уште не и се гледа крај“.
И покрај тоа што смртноста од вирусот останува висока во Полска, Унгарија, Романија и другите источноевропски земји, повеќе од еден милион бегалци од воена Украина пристигнаа во регионот. Украина е земја со мал процент вакцинирани и висока стапка на зараза и смртност.
И во САД, каде што има голем процент на вакцинирани, се приближуваат до милион регистрирани смртни случаи. Според денешните податоци, вкупниот број изнесува 984.000 починати.
Втор по смртност е Бразил со 652.000 починати, трета е Индија со 515.000, а Русија со 356.000 е четврта земја во светот по број на починати од коронавирус.