Ковaчевски: Со колективен настап на пазарот, целта е да се обезбеди пониска цена за гас

Претседателот на Владата – Димитар Ковачевски упати благодарност до Европската Унија што во време на енергетска криза донесе одлука Северна Македонија да стане дел од оваа платформата за заедничко купување течен природен гас како дел од стратегијата за справување со последиците од руската агресија врз Украина.

„Како резултат на политиката на солидарност, Северна Македонија се приклучува кон Платформата на ЕУ за заедничко купување течен гас и хидроген. Преку колективно настапување на пазарот, целта е да се обезбеди пониска цена за гас. Во ова време полно предизвици заедничката стратегија „заедно сме посилни“ дава резултати“ – напиша Ковачевски на Фејсбук.

Европскиот Совет во Брисел овие заклучоци ги донесе вчера после состанокот на лидерите на ЕУ со претседателот на САД – Џо Бајден, каде уште еднаш воената агресија на Русија на Украина е оценета како грубо кршење на меѓународното право која што предизвика огромен број цивилни жртви и масовна хуманитарна бегалска криза.