„СДСМ и ДУИ изгласаа влада со само 62 пратеници, а недели наназад зборуваат како имаат стабилно мнозинство. Ова ли е тоа стабилно мнозинство? Мнозинството и владата повторно се на стаклени нозе, нестабилни и нефункционални“. Ова меѓудругото денеска на прес-конференција го изјави Драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој смета дека „Старо-новата Влада од истрошени и компромитирани кадри на чело со пиунот Ковачевски, нема никаков легитимитет, капацитет и авторитет да ја води, а уште помалку да ја извади државата од вкупно 4-те прогласени кризни состојби на територија на Македонија, како и од блокадата на нашиот пат кон ЕУ“.
„За 4-те кризни состојби и генерално лошата состојба во државата, одговорност има и денешниот нов премиер, кој како досегашен заменик министер за финансии и близок соработник на Зоран Заев, учествувал во креирањето на погрешните политики кои во последните 5 години направија пустош на полето на економијата, образованието, здравството, а кризниот менаџмент го сведоа на имровизации. Старо-новата Влада нема народен легитимитет и таа е производ на тешкиот пораз на СДСМ на локалните избори. Таа е континуитет на криминалот, корупцијата и неспособноста“ рече Ковачки.
Тој потенцира дека „оваа Влада има за цел да го заштити Заев и неговите криминали, затоа Оливер Спасовски е министер за внатрешни работи“.