Ковачев: Македонските власти губат време и пари во Брисел и Вашингтон, место да почнат преговори со ЕУ

Политичките лидери во Македонија го губат времето на сопствената земја наместо да започнат преговори со ЕУ, смета бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

Политичките лидери во Македонија го губат времето на сопствената земја наместо да започнат преговори со ЕУ, смета бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

„Наместо да бидат едни од лидерите на европската интеграција, тие трошат пари за да одат во Брисел, во Вашингтон, во Париз и да објаснат дека нешто (во Преговарачката рамка) треба да се промени. Ова е губење време. Постои усвоена европска рамка за почеток на преговори, усвоена е од сите 27 земји, усвоена е од парламентот во Скопје и од бугарскиот парламент, така што сите овие напори што (владата во Скопје) ги прави се штетни за европската иднина на С.Македонија“, изјавил Ковачев во емисијата „Дејли клик“ на ТВ21.

Европратеникот кој доаѓа од редовите на владеачката партија ГЕРБ истакнал и дека политичарите во Скопје не можат да објаснат дека билатералните прашања треба да останат надвор од преговарачката рамка, „бидејќи тоа не се билатерални прашања туку се основни човекови права и добрососедството како основен критериум за членство во ЕУ“.

„Ти не можеш да создадеш едно семејство и во соседната соба да има некој кој те мрази и ти пишува говор на омраза во учебниците, говор на омразса во медиумите, да не може некој да има развој во кариерата само затоа што изјавил дека е Бугарин. Колку луѓе вработени во полиција, Обвинителство, централна или локална власт, јавно кажуваат дека се Бугари? Ама затоа има министри Срби, има министри Албанци, има и заменици на министрите, има судии, нема никаков проблем за нив“, изјавил Ковачев.

Европратеникот појаснил дека познава многу луѓе кои живеат во Македонија кои се плашат да кажат дека се Бугари затоа што ќе им биде уништен бизнисот, ќе ја загубат работата или нивното дете ќе биде навредувано.

„За каков бугарски диктат говорат властите во С.Македонија? Во Бугарија има екстремистички партии кои сметаат дека прифаќањето на европскиот предлог од Бугарија е многу лошо и претставува предавство. Но, овие партии се малку. Во Македонија, за жал, гледам дека владеачката партија (ВМРО-ДПМНЕ) го има овој наратив. Дали е диктат дека секој граѓанин да има човекови права – Хрват, Црногорец, Македонец, Србин, Албанец, Влав, Египќанец? Проблем е само ако е Бугарин. Дали е ова нормално? Дали е ова диктат? Не можам да го разберам Христијан Мицкоски“, вели Ковачев.

Бугарскиот европратеник потсетил дека европскиот предлог за Преговарачката рамка за Македонија вклучува имплементација на договорите со Грција и Бугарија, како и годишните протоколи на договорот со Бугарија.

Во врска со тврдењата дека против Бугарија има повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права, Ковачев прецизирал дека официјална Софија ги има исполнето апсолутно сите барања и судот во Стразбур никаде не кажува или има пресуда дека Бугарија треба да признае малцинства.

„Нема таква работа. Има да ги исполни критериумите за регистрација на невладини организации, а кога некоја организација ги исполни овие критериуми, тие ќе бидат регистрирани, како што се регистрирани две организации од луѓе кои се претставуваат како етнички Македонци. При последниот попис во Бугарија, да не згрешам, беа околу 1.000 луѓе кои се запишале како етнички Македонци. Бугарија отсекогаш го поддржувала членството на С.Македонија во НАТО и ЕУ и тоа е конзистентна политика која е поврзана со надминување на омразата од минатото и мора да се надминат сите овие пречки кои се наметнати во минатото“, рекол бугарскиот пратеник.