Ковачев: ЕП му дава на Мицкоски „бонбона“ за да го спаси образот

Бугарскиот портал БГНЕС објави подолго интервју со европарламентарецот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, кој детално ги анализира случувањата околу извештајот на Томас Вајц за Македонија и односите меѓу Бугарија и Македонија.

Бугарскиот портал БГНЕС објави подолго интервју со европарламентарецот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, кој детално ги анализира случувањата околу извештајот на Томас Вајц за Македонија и односите меѓу Бугарија и Македонија. Неговите главни поенти се дека унгарскиот премиер Виктор Орбан имал голема улога во блокирањето на предлозите за измена на извештајот на Вајц, дека бугарските предлози повторно ќе бидат доставени за пленарната седница на ЕП, дека текстот ниту сега не содржи ниту „вековни“ ниту „многувековни“ теми и дека за протекувањето информации до Христијан Мицкоски директно се пожалиле на еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Според Ковачев на Кос тие јасно и порачале дека на Бугарија не ѝ требаат медијатори бидејќи условите за, како што ни се обраќа, „Скопје“ се многу јасни.

-Во последните неколку недели, Мицкоски постојано се појавуваше пред медиумите и рече дека разговара со луѓе во Брисел, дека е задоволен од работата со известувачот Вајц, дека знае нацрт-текстови кои не треба да бидат јавни, што значи дека едноставно добива информации. Прашањето е од каде – дали е од пратеник, дали е од вработен? Ова е едната страна на работите. Другата страна е дека извештајот беше усвоен само во комисија и оди во пленарната сала.

Не е вистина она што го кажа Христијан Мицкоски – дека Европскиот парламент ќе го признае „вековниот македонски јазик и идентитет“. Такво нешто не постои, и ако треба да употребиме друг збор – едноставно Мицкоски не ја кажува вистината. Такво нешто не е усвоено во ниту еден текст. Но, за да бидеме уште појасни – Европската народна партија, европските социјалисти, Зелените и Либералите ќе ги обноват овие амандмани. Предлогот за јасен и недвосмислен текст треба да се достави во писмена форма.

На 24 јуни во АФЕТ, европратениците – еден Португалец, еден Чех, еден Австриец и тројца од Фидес на Виктор Орбан се спротивставија на гласањето за овој амандман. Веќе ќе ја завршевме оваа работа, но бидејќи Орбан интервенираше и ги замоли своите европратеници да му помогнат на Мицкоски против предлогот на ЕПП, каде што наводно припаѓа Мицкоски, ќе мора да почекаме уште две недели за ова да се случи во пленарната сала. Тој вели дека во текот на овие две недели ќе работи напорно за да го спречи ова, што повторно е еден вид притисок – ако сакате, емоционален притисок – врз колегите. Од Скопје се кажуваат работи што не се вистинити. Нема таков пакет каков што зборува Мицкоски – „вие го признавате нашиот вековен македонски идентитет и јазик, а потоа ние ќе ги вклучиме овие неколку стотици Бугари во уставот и само во преамбулата“. Мицкоски нема да добие „бонбона“ (од ЕУ) додека ги омаловажува Бугарите. Многу е тажно што одлучи да оди во оваа насока, порача Ковачев.

Според негова оценка, Мицкоски е очигледно многу повреден, бидејќи според Преговарачката рамка, за да започнат преговорите Бугарите мора да бидат вклучени во сите делови од уставот – не само во преамбулата. За време на преговарачкиот процес Европската комисија мора да го оцени напредокот во спроведувањето на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија и протоколите кон него. Овие протоколи ги вклучуваат сите наведени поединечни елементи – борбата против говорот на омраза, недискриминацијата на граѓаните на Република Северна Македонија кои отворено го декларираат својот бугарски идентитет, промените во учебниците, отстранувањето на таканаречените „споменици“ што водат кон омраза, каде што на десетици, ако не и на стотици места пишува „бугарски фашистички окупатор“ и сите овие елементи на комунистичкиот режим на поранешната Југославија предводена од Тито. Тоа се основни човекови права. Ако се чувствувате Бугарин – да не бидете загрозени, да имате еднакви можности за кариерен развој, да можете да аплицирате за државна служба, да имате Бугари во администрацијата – било да е тоа во локалната, државната администрација, во обвинителството, во полицијата, наставниците. Во извештајот конкретно се споменува бугарската заедница, објасни Ковачев.

Околу забелешката дека по гласањето во ЕП испаша дека земја-кандидат од 2005 година има поголемо влијание од земја-членка на ЕУ речиси 20 години, како што е Бугарија, Ковачев одговори категорично дека не е така.

-Не, категорично не. Дури и не гледам зошто е создаден таков впечаток. Да, поради малкуте членови и затоа што постапката е ваква, а и поради партијата на Орбан, ова разјаснување беше одложено за две недели, но не станува збор за тоа дали имаме помалку или поголемо влијание од Христијан Мицкоски, туку за постапка што е во тек.

на прашањето што треба да се случи за Софија да му каже стоп на најголемиот сојузник на Србија и главен извор на средства за антибугарските медиуми во Северна Македонија Ковачев вели дека имал можност да го направи тоа бидејќи партијата на Виктор Орбан беше членка на ЕПП и да разговара лично со Виктор Орбан неколку пати на оваа тема.

-Тие ги финансираат медиумите на ДПМНЕ во Северна Македонија. Одговорот беше: Да, бидејќи Зоран Заев е финансиран од Сорос, јас се борам против Сорос, затоа се финансираат овие медиуми. Му реков дека не знам до кој степен се борат против Сорос и дали се борат против него, но дека се борат против нас е категорично сигурно. Покрај тоа, партија која го има во кратенката ВМРО да биде на овие позиции е нелогично. Секој што ја познава историјата на ВМРО со целата нејзина разновидност, со нејзините поделби, крила и различни струи, знае дека ова е партија на македонски и одрински Бугари, која е создадена по Берлинскиот конгрес – прво за автономија на Македонија и Одрин, а по српската окупација на Вардарска Македонија – за независна Македонија. Историјата е важна и не ми се допаѓа кога колегите велат: Не ни е гајле за историјата, ајде да погледнеме денес. Постои една важна мисла што ја споделувам: Кој го контролира наративот на историјата, ја контролира сегашноста и иднината, бидејќи луѓето и новите генерации учат од истите учебници. Ако во овие учебници сте вградиле омраза кон вашиот сосед и фалсификувани толкувања на настани што не се случиле на тој начин, а луѓето немале идентитет што го претставувате, тогаш ќе пораснат млади генерации кои ќе се мразат едни со други. Дали сакаме нашите соседи, нивните деца, да учат од учебници што водат кон омраза кон своите соседи во нашиот заеднички европски дом? Тоа не е идејата… Од друга страна, тие не сакаат да го надминат југословенското комунистичко толкување на историјата и сакаат да го зачуваат наративот за југословенскиот комунизам, дури и да го збогатат со некоја нова историја што самите ја измислиле. Затоа се толку загрижени кога некој им кажува дека по 1945 година е создаден и обликуван нов идентитет кај дел од граѓаните на оваа земја, кои сега се чувствуваат етнички Македонци – и ние го признаваме тоа. Човеково право на секој жив човек е да каже: Се чувствувам етнички Македонец. Да, тоа е негово право. Но, тие немаат право да го менуваат идентитетот на починати луѓе и немаат право да ги угнетуваат живите луѓе кои денес продолжуваат да се чувствуваат Бугари и сакаат да бидат интегрирани во политичкиот, економскиот, социјалниот живот на сопствената земја, порача Ковачев.

Околу според бугарските тврдења, очигледното протекување на информации од извештајот на Томас Вајц и дилемата дали треба да се изврши притисок, или како што прашува новинарот, интервенција кај одредени вработени во Европската комисија Ковачев одговори пошироко.

-Кога беше одлучено кои ќе бидат известувачите за Република Северна Македонија, за секој од нив подготвив сериозна, голема папка со документи во врска со ситуацијата меѓу Република Северна Македонија и Бугарија – со копија на англиски јазик од Договорот за добрососедство, протоколите, рамката, случаите на дискриминација, за да им покажам на што се темели европската интеграција на оваа земја – усвоената преговарачка рамка и заклучоците на Советот од 2022 година. Сето ова е во извештајот. Тој потврдува дека ова е основата на европската интеграција. Ние, 17-те бугарски европратеници потпишавме писмо во кое го поставуваме токму ова прашање – како е можно премиерот на земја што е предмет на проценка да има комуникација во реално време или да знае за работи што се случуваат „во кујната“ во врска со овој извештај.

Претседателот на Комисијата (за надворешна политика на ЕП) го бранеше Томас Вајц и рече дека не можеме да прекоруваме или напаѓаме некого без да знаеме и без да имаме конкретни докази – а јас нема да направам такво нешто. Но, во врска со Комисијата, исто така слушнав – немам конкретни докази – дека ова е еден вид пакет во кој Скопје добива некаква „бонбона“ или, на англиски, спасување на образот. Мицкоски ја искористи темата во изборната кампања за да ја критикува и сурово напаѓа претходната влада – прво на Зоран Заев, потоа на Димитар Ковачевски – и цело време да вели: Тие се предавници, јас сум бранител на македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Ова многу потсетува на тој брутален закон по 1944 година за одбрана на македонската чест, каде што секој што вели дека е Бугарин е згмечен од тогашниот комунистички режим. Таква е ситуацијата.

Ние го поставивме прашањето до Марта Кос. Кога таа изјави дека би сакала да биде „медијатор“ меѓу Бугарија и Северна Македонија – или поточно, понуди свои услуги – веднаш се јавив и реков: Ве молам да не читате повеќе од вашите подготвени текстови од некого и да не се нудите како медијатор, бидејќи не ни треба медијатор. Немаме билатерален проблем. Имаме Преговарачка рамка и заклучоци на Советот. Тие се усвоени од 27 земји-членки – ова е основата. Бугарскиот парламент, исто така, пред неколку дена усвои посебна резолуција во која се наведува дека Бугарија нема никакви дополнителни услови, освен оние дефинирани во Преговарачката рамка. Ова се документите врз основа на кои ќе се одвива пристапувањето на оваа земја кон ЕУ. Отворањето и затворањето на кластерите, проценката на напредокот ќе се врши врз основа на овие документи. Сега од Северна Македонија се вртат, превртуваат, одат во Австралија, Нов Зеланд, САД, Канада, Африка, Азија, Европа, за да објаснат колку е лошо што го усвоиле и како требало да се промени. Тие го губат времето на сопствените граѓани. Нема билатерален спор. Реалноста е дека постои усвоена европска рамка што Христијан Мицкоски не ја спроведува. Тоа е, рече Ковачев.

Тој оцени дека можеби нема друга тема околу која бугарските европарламентарци биле толку обединети.

-Не се сеќавам дека имало друг пат кога 17 бугарски европратеници потпишале еден текст. На оваа тема имаме единство, работиме во нашите политички групи за да ги убедиме нашите колеги. Да им објасниме дека не го правиме тоа, затоа што ова е некаков наш бугарски каприц, туку затоа што е фер, објективно, одговара на реалноста и преземените обврски. Сакаме да ги задржиме во следните две недели позициите што беа постигнати меѓу четирите главни политички групи, плус конзервативците и реформистите , кои исто така ги поддржуваат разјаснувачките текстови што треба да се вклучат. Нашата задача е да спречиме повторно надворешен притисок, како и закани и геополитички апокалиптични предвидувања за тоа што би се случило ако зборот „модерен“ биде вклучен во текстот. Звучи смешно и комично дека овој збор би ја запрел европската интеграција на Република Северна Македонија, но самиот Мицкоски реши да падне во оваа стапица кога постојано зборуваше за „вековниот македонски јазик и идентитет“, од каде што започнаа сите проблеми.

Граѓаните на Република Северна Македонија мора сами да откријат каде лежи проблемот. Не е во Бугарија. Бугарија продолжува да помага. Сакаме добрососедство, сакаме да им помогнеме на нашите најблиски на патот на европската интеграција. Ова е напишано и во Договорот за добрососедство што не се спроведува, и во Заедничката историска комисија, која не работи. Оваа комисија е блокирана, за жал. Во моментов не произведува ништо, бидејќи е под сериозен политички притисок да не се концентрира на својата академска работа, рече Ковачев за БГНЕС.

Тој притоа смета дека две работи треба да се направат во Бугарија.

-Прво, треба да се спроведе сериозна реформа на Законот за бугарско државјанство, каде што треба да се создаде јавен регистар на сите оние кои добиле бугарско државјанство по потекло, и тоа со ретроактивен датум – барем од почетокот на 2000-та година. Треба да се одржи церемонија пред знамето и грбот, со институционално сеќавање на овој незаборавен момент, кога лице кое доброволно дошло во Бугарија и побарало бугарско државјанство по потекло го добива ова државјанство. Исто така да има олеснување на стекнувањето бугарско државјанство за оние наши сонародници кои јавно го декларираат својот бугарски идентитет. Ова треба јавно да се декларира во декларација, а не како што е сега – тајно.

Вториот елемент е комуникациска стратегија на Бугарија за поддршка на нашите заедници во странство. Тука бугарската држава е должна на нашите историски заедници во Албанија, Косово, Србија, Северна Македонија, Молдавија, Украина – тоа се историските заедници. Во Соединетите Американски Држави ја имаме Македонската патриотска организација, каде што исто така треба да подадеме многу посилна рака. Кога станува збор за комуникациска стратегија, ова значи средства. Бугарскиот буџет ќе мора да ги издвои овие средства за нашите историски заедници. Приватна фондација како онаа на Милен Врабевски не може да обезбеди повеќе средства од бугарската држава, предложи Ковачев, иако вакви активности Бугарија спроведува веќе со децении заради Македонија.