
Ковачев: Во Македонија има над 180.000 граѓани со бугарски пасоши и уште 20 илјади се во процес на обработка
Бугарскиот европратеник од Европската народна партија, Андреј Ковачев, инсистирал на итно усвојување на промените во Законот за бугарско државјанство за време на дискусија со бугарските новинари во Брисел.
Бугарскиот европратеник од Европската народна партија, Андреј Ковачев, инсистирал на итно усвојување на промените во Законот за бугарско државјанство за време на дискусија со бугарските новинари во Брисел.
-Сегашниот закон за бугарско државјанство е нелогичен и не функционира за легитимирање на бугарската заедница во Република Северна Македонија, посочил Ковачев, по што повикал преку тамошните медиуми дека Законот мора многу итно да се промени.
„Законот во моментов е нелогичен. Законот за бугарско државјанство мора многу итно да се промени, а сега ќе ве замолам да го пренесете до сите членови на бугарскиот Парламент и до министерот за правда“.
Нацрт-законот предвидува дел од личните податоци на лицата кои добиле бугарско државјанство да станат јавни и да биде очигледно дека се идентификувале како етнички Бугари.
-Ова ќе потврди и колку е голема бугарската заедница во Република Северна Македонија, кои имаат бугарски документи за идентификација, истакнал Ковачев.
„Јавен регистар во Министерството за правда со ограничен број податоци за името и местото на живеење на засегнатото лице, кое побарало бугарско државјанство и го добило. Тие се речиси над 170-180 илјади во однос на Македонија, а во моментов веројатно има над 15-20 илјади кои се обработуваат. Вие самите дојдовте доброволно и сте кажале: „Еве, бабо, дедо, тие се Бугари. Еве ги документите дека биле во егзархијата, во војската, во бугарското училиште. Јас потпишав декларација дека се чувствувам како етнички Бугарин и врз основа на ова добивам бугарско државјанство“, навел европратеникот во изјава за бугарските медиуми за процесот на добивање на бугарски документи.