Ковачевски: Ќе испратиме барање за отворање македонски културен центар во Благоевград

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека веќе се подготвува документација за отворање македонски културен центар во Благоевград и најави дека барање за тоа ќе биде испратено до бугарската Влада. Порача отворањето вакви клубови да биде во насока на зближување, а не на раздор.

„Во недела јас ќе бидам во Скопје, меѓутоа во Министерството за култура и во Владата, бидејќи јас тоа го најавив, веќе ја подготвуваме документацијата за отворање македонски културен центар во Благоевград и тоа барање ќе биде испратено до бугарската Влада. Знаете дека имаме македонски културен центар во Софија и како што кажавме исто така ќе имаме отворање на македонски културен центар во Благоевград коешто барање ќе го испратиме“ – рече Ковачевски, денеска по промоцијата на нова инвестиција во ТИРЗ Скопје.

Тој повика на присуство на отворањето на центарот од сите кои имаат можност, но порача при вакви активности да се внимава за чувствата на граѓаните.

„Верувам дека отворањето културни центри помеѓу државите е начин на кој се зближуваат и како држави и како институции и како граѓани, и сметам дека сите оние кои имаат можност, особено тоа се однесува на граѓаните на Благоевград и на пограничните места, треба да присуствуваат на такви настани бидејќи мислам дека тоа ги зближува граѓаните“ – изјави Ковачевски.

При отворањето на културните центри, дополни, треба да се внимава за чувствата на граѓаните, тука пред се, мислам на она што се случуваше кај нас во државата и на тој начин тие да не станат место на раздор, туку за зближување на граѓаните, како во нашата земја, така и помеѓу граѓаните на соседните држави.