Денеска попладне, во седиштето на СДСМ се одржа примопредавање на функцијата претседател на партијата.
Екс-претседателот Зоран Заев на новоизбраниот претседател Димитар Ковачевски му ја честиташе победата на внатрепартиските избори и му посака успешен мандат.
„Претседателе ти посакувам среќа, мудроста ја имаш, да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста“ рече Заев
Ковачевски му се заблагодари на Заев за сиот негов придонес во водењето на СДСМ.
„Ти благодарам и за мудрите одлуки што ги донесе за партијата, но и за државата, благодарение на кои што денеска земјата е членка на НАТО и сме на прагот на почнување на преговори со ЕУ. Благодарам што оставаш партија во наследство што има најголем кадровски потенцијал. Сакам да ти посакам многу здравје, и среќа во личниот и професионалниот живот“ рече Ковачевски.