„Јас сум човек кој што не се откажува, таков е и нашиот слоган, имаме уште неколку дена од кампања за да допреме до секој граѓанин со цел да имаме што подобар резултат“, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во вечерашното интервју во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
„Она што можам да им порачам на граѓаните дека треба да размислат каде ќе го дадат својот глас. Граѓаните одлучуваат кој ќе биде победник на изборите, меѓутоа постојат два типа на гласање едниот е „против“ другиот е „за“. Јас сметам дека секогаш е подобро да се гласа „за“, за европска иднина, за сигурна иднина на државата и граѓаните, за повисок животен стандард, за подобро владеење на право, за подобра борба против корупција, подобро образование и здравство“, рече Ковачевски.
При тоа, тој посочи дека гласањето „против“ е гласање против секаква извесна иднина.
„Гласањето „против“ значи гласање против една таква извесна иднина што на крајот на денот значи и гласање против иднината на нашите и децата и внуците на граѓаните, со оглед на тоа што повторно ќе се вратиме во едно време на неизвесност. Ако ги гледате изјавите на ВМРО ДПМНЕ, нивниот претседател и нивното раководство па и на претседателскиот кандидат Силјановска, гледате дека таму нема никаков јасен план за интеграција на државата во ЕУ. Меѓутоа граѓаните се тие кои имаа доволно време, 40 дена, ова е најдолгата кампања веројатно со оглед на почетокот на претседателската и на парламентарната кампања, за да може да проценат што е она што е најдобро за нив и што е она што најдобро пред се за идните генерации кои доаѓаат после нас“, рече Ковачевски.
„Ние подаваме рака за обединување на сите граѓани, на сите членови на партијата со цел да СДСМ биде во парламентот застапен на ниво да може да влијае на продолжување на реформските и на прогресивните одлуки кои што треба да се носат во наредниот период“, порача Ковачевски.
„Ние подаваме рака на сите прогресивни граѓани кои сакаат да ја видат земјата во ЕУ. Тоа се гласачи кои традиционално гласаат за прогресивна СДСМ. Благодарение на нас, на СДСМ, Македонја стана земја членка на НАТО и земја која што ги отвори преговорите со ЕУ. Претседававме со ОБСЕ една година и бевме домаќин на преговори помеѓу други две држави кои што имаат нерешени прашања помеѓу себе. Ние станавме за 7 години од заробена држава, слободна демократска држава која што стана фактор на стабилност на Балканот“, рече Ковачевски.
Во интервјуто Ковачевски, посочи дека СДСМ има јасна визија и план за Македонија како земја членка на ЕУ и од тој пат нема да се откажат.
„Ние презентираме една јасна визија со јасен план за Македонија како земја членка на ЕУ. А од друга страна имаме некоја маглива алтернатива која што алтернатива не нуди јасен план. Нуди една класична реприза на она што го гледавме 11 години од 2006 до 2016 година во време на ВМРО – ДПМНЕ. Јас сум човек кој што не се откажува, таков е и нашиот слоган. Ние на овие избори не учествуваме на олимписки игри каде што е важно да се учествува, туку учествуваме да победиме. Се разбира дека работиме, имаме уште неколку дена од кампања за да допреме до секој граѓанин со цел да имаме што подобар резултат“, порача претседателот на СДСМ.