„Пред точно две години остваривме една од нашите стратешки цели поставени уште од осамостојувањето на државата – полноправно членство во НАТО“ – напиша денеска премиерот Димитар Ковачевски на својот Фејсбук профил. Според него, да се биде дел од НАТО значи исполнување на сите цивилизациски стандарди.
„Две години подоцна, во екот на најголемата воена и економска криза по Втората светска војна, ја согледуваме исправноста на оваа одлука. Во овие неизвесни времиња, кога целиот свет се грижи иднината и безбедноста, Северна Македонија е дел од најмоќниот воено политички сојуз кој го гарантира нашиот територијателен интегритет и сигурност“ – објави Ковачевски.
Членството во Алијансата е многу повеќе од гарантирана безбедност и заштита на нашите граѓани – вели тој.
„Да се биде дел од НАТО значи исполнување на сите стандарди на цивилизираниот свет како заштита на човековите права, солидарност меѓу народите и унапредување на демократијата. Како членка на НАТО ќе продолжиме активно да учествуваме во сите активности на Алијансата и да го градиме сојузништвото со нашите партнери. Оваа определба значи долгорочен развој за нашата земја и сигурна иднина за нашите деца“ – наведува Ковачевски.