Ковачевски: Честитки до сите граѓани, преговорите со ЕУ се отворени, време е за оптимизам, но и посветена работа

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски по официјалниот почеток на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ, одржа прес-конференција во Советот на Европската Унија  во Брисел.

,,Конечно, 17 години потоа и многу тешки компромиси, се отвора процесот за прием на Северна Македонија во големото европско семејство, во Европската Унија. Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денес е денот кога отпочнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност.

Денешниот ден е историски за нас. Долгоочекуван и сосема заслужен. Им честитам, но исто така и им благодарам на граѓаните, за нивната истрајност и за јасната визија за тоа каква држава сакаме да изградиме и да оставиме на идните генерации.

Овој ден, им е посветен ним, на сите наши граѓани, но и на сите државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници кои имаа храброст да сонуваат, да имаат визија и напорно да работат за да ја исполнат.

За да ја реализираме оваа стратешка цел, направивме многу. Донесовме тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност. Патриотски одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата. Овие државнички одлуки се вистински показател како се сака државата. Не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани.

Ја донесовме и конечната одлуката со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, и посебност. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите, идентитетски, историски и културни особености. Ова е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара. – рече Ковачевски.