Ковачевски: Целта е до 2030 година да станеме членка на ЕУ

Владата донесе одлука за воспоставување структура за преговори за пристапување на Македонија во ЕУ, информира денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како странски експерти.

Ковачевски верува дека институциите имаат капацитет за преговори со ЕУ и очекува квалитетна и ефикасна структура што ќе се носи со предизвиците. Најави дека целиот процес ќе биде инклузивен и транспарентен.

„Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е целта која си ја поставуваме. Таа е реална и достижна и јас сум силно убеден дека до следното проширување на Унијата ќе биде и Македонија. Ќе работиме посветено за нашата земја да биде еднаква со сите други земји членки, да учествува во креирањето на политиките на ЕУ секако со заштита на нашите државни интереси. Нашата иднина е во ЕУ. За нас ова нема алтернатива и затоа потребно е сите заедно да дадеме поддршка да се вклучиме, да ја искористиме шансата која што е пред нас и со брзи чекори и самоуверено да одиме напред кон полноправно членство во ЕУ,“ истакна Ковачевски.

Повтори дека верува во капацитетот на институциите и нивната подготвеност да дадат максимум во овој процес.

– Особено сум горд што дојдовме до моментот кога почнуваме да зборуваме за техничките елементи врзани со преговорите со ЕУ. На 19 јули кога ги отпочнавме преговорите свртевме нова страница во македонската историја. Покажавме дека знаеме да се однесуваме државнички и храбро, да носиме државнички одлуки бидејќи така се трасира патот за понатамошен развој и на економски и на општествен план. Со одржувањето на првата меѓувладина конференција направивме историски исчекор во стратешка смисла. Ја повторивме нашата заложба за полноправно членство во Унијата и со тоа ги потврдивме европските вредности за коишто се залагаме. Преговорите официјално започнаа, а со тоа се наметна потребата што поскоро да се направи концепт за преговарачката структура согласно новата методологија за водење на преговорите за пристапување во ЕУ, рече премиерот Ковачевски.