
Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на одбележувањето на Денот на основањето на Црвениот Крст кој годинава одбележува 78 години од постоењето.
Во рамките на одбележувањето се одржа и донаторска акција за собирање на помош за настраданите подрачја од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.
Целта на денешната донаторска акција беше да се обезбедат вкупно 1 милион евра, што и се постигна, со што се заокружи хуманитарната помош за Турција и Сирија, за чии настрадани подрачја досега се обезбедени над 960.000 евра, а доставена е и хуманитарна помош во материјални добра во вкупна вредност од над 91.000 евра.
„Седумдесет и осум години хуманитарност, солидарност, пожртвуваност, издржливост, ублажување на страдањето на луѓето и пружање рака секаде и секому. А, со истото несебично залагање за овие трајни вредности, посакувам Црвениот крст да продолжи уште многу, многу години“, порача премиерот Ковачевски.
Тој потсети на досегашната помош за настраданите подрачја, нагласувајќи дека Владата издвоила близу 100.000 евра помош за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција.
Премиерот Ковачевски упати повик до сите граѓани да се вклучат во денешната донаторска хуманитарна акција за помош на настраданите подрачја од земјотресите во Турција и Сирија.