Премиерот Димитар Ковачевски денеска информирашпе дека утре ќе се донесе конечна одлука за учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
– Во пресрет на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, денеска одржавме вонреден состанок на Отворен Балкан заедно со моите колеги Александар Вучиќ и Еди Рама. Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел, објави Ковачевски на Фејсбук.
Премиерот исто така истакна дека разговарале за повеќе теми важни за регионот и дека покренале иницијатива за Агенција за привлекување инвестиции на Отворен Балкан, која ќе овозможи дополнителен економски развој за регионот.
– Тема беше и претстојниот саем за храна вино и туризам кој треба да се одржи во Белград, како и повеќе други теми кои произлегоа од последниот Самит на Отворен Балкан кој се одржа во Охрид, додаде Ковачевски.