Ковачевски: С. Македонија е поволна дестинација за инвестиции

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со директорот на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, денеска, присуствуваше на отпочнувањето на изградбата на втората фабрика на германскиот фармацевтски гигант „Герејсхајмер“ во Технолошко индустриската развојна зона-2, Скопје.

На настанот присуствуваа и Оливер Бургел, потпретседател на „Гересхајмер“, како и Ото Граф, Привремен Вршител на работите во Амбaсадата на Германија.

Во новата фабрика на „Гересхајмер“ со високо-напредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло, шприцеви за вакцини и фармацевтски продукти за потребите на светски фармацевтски реномирани компании.

Се работи за инвестиција од над 126 милиони евра, што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на технолошко-индустриските развојни зони.

Планирано е отворање на над 180 нови работни места, со просечна плата далеку над државниот просек.

Премиерот Ковачевски беше во обиколка на првата фабрика на „Гересхајмер“, каде му беше презентиран современиот процес на производство на медицинска пластика во погоните, проект кој германскиот концерн го почна во Северна Македонија пред четири години.

Првичната инвестиција од 25 милиони е веќе зголемена на над 60 милиони евра.

„Владата и во услови на најголемата светска енергетска криза ги поттикнува инвеститорите да ги вложуваат своите средства и да креираат додадена вредност за македонската економија, создавајќи поволни услови за нашите работници и нашиот кадар, да се чувствуваат ценети со висината на платите и условите за работа меѓутоа и со можноста преку дополнителни тренинзи да напредуваат во својата кариера.

Нашата цел е граѓаните да останат во земјава да работат во современи услови и да имаат подобар животен стандард.

Инвестициите на високо технолошки развиени компании се уште една потврда дека нашата држава е поволна за инвестирање, еднакво како и останатите земји од Европа и светот.

Северна Македонија е безбедна и солидна дестинација за инвестиции, нашиот човечки кадар нуди квалитет и знаење, кое, се докажа дека знаат да го ценат регионалните, но и светските партнери и инвеститори.

Затоа ги помагаме сите инвеститори кои решаваат да вложат средства кај нас, преку ослободување од даноци, поддршка на работни места и сет на мерки кои го олеснуваат бизнис амбиентот на потенцијалните инвеститори.

Првичните анализи покажуваат дека на секој 1 денар вложен од државата, компаниите вратиле 4 денари назад во буџетот.

Тоа до пред 6 години не беше случај, тоа значи дека имаме инвестиции кои носат поголема додадена вредност и за државата и за граѓаните.

Затоа и не зачудува фактот што во време на најголема енергетска криза, ја имаме најдобрата година до сега од постоењето на ТИРЗ и тоа е навистина голем успех.

Минатата, 2022 година, ја завршивме со 2.300 нови работни места и над 430 милиони евра нови инвестиции, а годината ја завршивме со рекорден извоз од 3,7 милјарди евра.

Во октомври лани ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година.

Вкупно 16.400 наши сограѓани работат во компаниите во индустриските зони во целата држава“, рече Ковачевски во своето обраќање за време на посетата на фабриката на „Гересхајмер“.