
Премиерот Димитар Ковачевски демантира дека на вчерашната средба со в.д. лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари разговарале за нивни влез во Владата.
„Вчера имавме состанок со Таравари во Владата, а после тоа имаше некои шпекулации во јавноста околу тоа за што сме разговарале. На средбата разговаравме токму за тоа за што и кажавме, а тоа беше за европската иднина на државата која сите ја посакуваме и сите одлуки кои треба да се носат во парламентот со широк општествен и политички консензус. Но, пред се разговаравме за сите оние закони и реформи кои се однесуваат на владеење на правото, борбата со корупцијата и справувањето со енергетската криза. Во Собранието има над 130 закони, одлуки, регулативи кои се блокирани од неодговорното однесување пред се на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ и разговаравме токму за тоа“ – рече Ковачевски.
Премиерот тврди дека не разговарале со Таравари за влез во Владата или за некои ресори во кои би била преземена одговорност.
„Алијанса не доби понуда за влез во Владата, а ако има такво нешто партијата нема да ги помине своите црвени линии“ вели Таравари
Ковачевски вели дека сите политички партии кои имаат јасна цел, а тоа е европска иднина на државата како полноправна членка на ЕУ секогаш имаат отворена врата за соработка.
„Политичките партии кои имаат јасна цел, а тоа е европска иднина на државата како полноправна членка на ЕУ, за што јас лично се залагам заедно со парламентарното мнозинство и сите партии кои се залагаат за владеење на правото, борбата со корупцијата, справување со кризата секогаш имаат отворена врата за соработка со мене и тоа го потврдувам на заеднички состаноци со нив. За соработка на повисоко ниво од такви разговори секако дека секогаш постои можност, но тоа го оставам на идниот период што е пред нас бидејќи сепак се работи за нешто за што е потребен договор меѓу повеќе субјекти“ – потенцираше премиерот.
Тој посочува дека со сите политички партии кои се дел од власта, вклучително и ДУИ, има соработка на дневно ниво.