Ковачевски со Таравари на гости кај Ахмети во Зајас

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, по средбата во Владата, биле на гости кај претседателот на ДУИ, Али Ахмети во Зајас, дознава Алсат тв.

На средбата, наводно се разговарало за проширување на Владата со нов партнер во насока на зајакнување на владеачката коалиција, а во очекување на уставните измени.

Неофицијално се дознава дека Алијанса побарала три министерски места – за правда кое сега е раководено од кадар од СДСМ, за екологија-ресор кој сега го раководи ДУИ, и министерството за информатичко општество.

На средбата во Зајас немало претставник од Алтернатива, кои претходно негативно реагираа за можноста за влез на Алијанса во Владата.

Исто така се дознава дека Алијанса ќе добие најмалку едно заменичко место и околу 30 директори. Финалните преговори и поделбата на ресори се очекува да заврши до крајот на месецов.