Македонската Влада ги објави платите на премиерот и на сите министри.
Податоците објавени на службениот сајт на Владата покажуваат дека премиерот Димитар Ковачевски прима вкупна плата од 88.260 денари. Од таа сума основица е 78.896 денари, додека, за минат труд, за работниот стаж од 23 одини, тој добива дополнителни 9.364 денари.
Веднаш по премиерот следува министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски, кој месечно добива 86.324 денари, а има 2 години помал стаж од Ковачевски. Сепак на Спасовски се утврдува зголемување за 20% за извршување на функцијата.
Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, има плата од 70.478 денари, со стаж од 16 години.
Славица Грковска, заменик на премиерот и задолжена за политики за добро владеење има плата од 73.045 денари, додека Фатмир Битиќи, кој е вицепремиер за економски прашања и координација на економски ресори и инвестиции, прима 71.762 денари месечно.
Бојан Маричиќ, кој е заменик на претседателот на Владата за европски прашања, прима плата од 69.197 денари.
Министерот за правда, Никола Тупанчевски, зема плата од 76.252 денари и има најдолг стаж – 34 години.
Идентична плата, но и со идентичен стаж од 16 години се министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Двајцата месечно добиваат по 70.478 денари.
Најмали примања поради малиот број години на стаж во земјава (само 2) добива министерот за животна средина и просторно планирање – Насер Нуредини, „само“ 65.989 денари.