Ковачевски со помошникот ген-сек на НАТО за разузнавање: Навремената размена на информации меѓу членките на НАТО е важна за безбедноста

Премиерот, Димитар Ковачевски денеска имал средба со помошникот-генерален секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер, на која, како што се наведува во соопштението од Владата, двајцата изразиле „взаемна благодарност за соработката на Северна Македонија со НАТО особено во делот на добивање навремени информации и соработката со македонските безбедносни служби“.

На состанокот, според владиното соопштение пред сè било разговарано за воената агресија на Русија кон Украина и понатамошното влијание на овие случувања врз глобалната енергетска состојба и врз прехранбената индустрија.

„Премиерот Ковачевски на средбата ја истакна цврстата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и посочи дека Северна Македонија ќе ја продолжи политичката и практичната поддршка со цел да и се помогне на Украина да се одбрани и да ги оствари своите суверени права. Оваа позиција беше поздравена од помошникот-генерален секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер како исклучително важна за Алијансата“, се наведува во соопштението.
Ковачевски и помошникот-генерален секретар на НАТО за разузнавање на состанокот разговарале за безбедносната, политичката, економската и енергетската состојба во државата во контекст на војната во Украина, а на состанокот било посочено дека соработката меѓу земјите-членки на НАТО е од исклучителна важност за безбедноста, како на Алијансата, така и на регионот и на Северна Македонија како НАТО – членка.

„Премиерот Ковачевски и помошникот-генерален секретар Катлер, на средбата разговараа за справувањето со хибридните закани, што е еден од главните приоритети на НАТО, посочувајќи дека Алијансата мора ефикасно да се бори против ваквите закани. На состанокот премиерот Ковачевски и помошникот-генерален секретар Катлер изразија взаемна благодарност за соработката на Северна Македонија со НАТО особено во делот на добивање навремени информации и соработката со македонските безбедносни служби“, стои во соопштението од Владата за средбата.

Случајно или не, посетата на заменикот-генерален секретар на НАТО за разузнавање и безбедност на земјава доаѓа по скандалот со додавањето на македонско државјанство на контроверзниот украинец, Олександр Онишченко, за што позитивно мислење, меѓу останатите институции дала и Агенцијата за национална безбедност, без да биде направена консултација со партнерите од НАТО.