Лидерот на СДСМ – Димитар Ковачевски кој е мандатар на новата Влада во интервју за државната МИА изрази очекување дека со новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков, кој на 18. јануари најави посета на земјава, ќе изгради конкретен и пријателски однос, со реторика меѓу двете држави која ќе биде на високо ниво.
Ковачевски очекува со Петков да ги утврдат основите за натамошните разговори и формите на соработка и напредок, но и ширина на дејствување надвор од строго историски рамки и термини.
„Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидиме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап. Преку политика на взаемно почитување, градење иднина, соработка и компромиси“ вели Ковачевски.
Тој нагласи дека двете земји имаат огромен потенцијал за развивање на конкретна соработка во повеќе области: економија, инфраструктура, туризам, образование и култура, помош во европските интеграции и зближување на нашите народи и граѓани. Ковачевски вели дека во процесот не би отстапил од правото на самоопределување и посебниот идентитет и јазик, што е неотуѓиво право на секој народ.
„Затоа во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет. Тоа е отсликано и во Декларацијата, која ја усвои нашето Собрание со поддршка од сите партии“ – вели Ковачевски.
Се уште не е составена новата Влада, која ќе ја предводи Ковачевски, но лидерот на СДСМ не открива конкретни имиња за првите луѓе во министерствата.
„Тоа е основен принцип на ефикасно управување и новата влада ќе се води по него. Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори. Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата“ – истакна Ковачевски.
Неколкупати досега повторува дека примарен фокус на неговата Влада во следните три месеци ќе биде енергетската криза.