Ковачевски: Со интегрираниот електронски систем за наплата на патарини граѓаните патуваат побрзо, побезбедно и полесно

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска, на наплатната рампа Прешево го промовираа заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините.

Станува збор за брзо и ефикасно плаќање на патарините во Северна Македонија и Србија со помош на посебен ТАГ уред за бесконтактно електронско плаќање на патарина, кој успешно функционира и овозможува непреченo движење преку териториите меѓу двете земји.

„Ова е најдобра потврда дека Отворен Балкан е иницијатива која дава резултати, која функционира и која луѓето ја сакаат. Отворен Балкан ако погледнеме на истражувањата за јавно мислење е единствена регионална иницијатива која има поддршка над 80% во земјите кои се дел од иницијативата. А тоа е затоа што иницијативата дава резултати. За само 3 месеци српски и македонски инженери успеаа да го направат решението за единствена електронска наплата на патарините. Ние денес заедно со министерот Бочварски дојдовме со кола од Скопје со купена М-ТАГ картичка од Македонија која перфектно функционира во Србија. До следниот петок ќе биде направено решението и за товарниот сообраќај, така да и камионите ќе можат да поминуваат“ рече македонскиот премиер при промоцијата.

Тој напомена дека „бројот на туристи кои во текот на изминатите 2 години доаѓаа во нашата држава е за 500% поголем од пред воспоставувањето на иницијативата Отворен Балкан. Она што следува е воспоставување на софтверското решение за непречена размена на работници, да може секој да дојде да се регистрира преку единствен софтвер и во Србија и во Северна Македонија и во Албанија без административни процедури кои денес траат по 3 месеци“.

„Ние ќе работиме уште повеќе на зголемувањето на размената. Македонците сакаат српски производи, Србите сакаат македонски производи и за таа цел мештовитата трговска комисија ќе работи на што поголемо зближување и на компаниите, отворање на 2-та пазари и тргање на сите безцарински бариери кои во моментов ги има, а кои во текот на минатата година ги намаливме“ напомена Ковачевски.