Ковачевски: Со бугарскиот премиер Петков го одбравме вистинскиот пристап и начин

Денешниот собир само потврдува дека со бугарскиот премиер Кирил Петков го одбравме вистинскиот пристап и начин кога кажавме дека ќе дадеме политичка иницијатива, но дека сепак организациите коишто се дел од секторите за коишто ние разговаравме се тие коишто треба да ја водат дебатата и коишто треба да направат мостови помеѓу деловната заедница, образовните институции, студентите, граѓаните воопшто“. Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“.

„Ми претставува задоволство да се обратам на оваа конференција. Тоа задоволство се должи на концептот на конференцијата, дефиниран во нејзиниот назив БГМ 2030, граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво. Идејата на конференцијата се совпаѓа со идејата за динамично, новото динамично придвижување на односите меѓу Република Бугарија  и Република Северна Македонија“ – истакна Ковачевски.

Тој нагласи дека неговата и намерата на Петков е да отворат најшироко поле за соработка меѓу голем број на засегнати страни во општествениот живот.

„Граѓанскиот придонес, придонесот на Академијата и соработката на високообразовните институции се еден важен елемент во тој процес. Точно е дека испишувањето на новите страници, на односите меѓу двете земји, е поставена на високо ниво и тоа на ниво на влади. Но, јас и премиерот Петков, ја презедовме иницијативата процесот да се води инклузивно од надолу кон горе, односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството помеѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување“ рече Ковачевски.

Потенцираше дека му е драго што практично во истата недела на одржувањето на заедничкиот состанок на владите на двете земји во Софија, веќе се одржува еден собир на којшто е присутна академската заедница, на кој се присутни професори и студенти и има размената на мислена и знаења за она што е современо општеството.

Ковачевски потенцира дека заедничката седница на Владите на двете земји на почетокот на оваа недела во Софија и со посетата на премиерот Петков и неговата делегација на Скопје една недела претходно, направен е голем исчекор во унапредувањето на билатералните односи.

„Таму каде има политичка волја и идеја за прогрес, разликите многу полесно се надминуваат. Заедно отворивме и искрен и посветен дијалог за стабилност и развој на двете држави, поттикнавме продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу нашите две земји. Двете влади се определија да водат политика на градење на мостови, а не политика на градење на ѕидови помеѓу граѓаните на двете држави. Со тоа двете држави покажуваат одговорност кон своите граѓани, за постигнување достоинствени решенија за двата народи, за подобрување на животот на граѓаните во двете држави“ рече Ковачевски.