
Премиерот Димитар Ковачевски, смета дека неговиот и рејтингот на партијата што ја предводи и Владата, ќе растат во следниот период поради доброто справување со кризата и мерките за помош на граѓаните.
Според неговата денешна изјава во која ја коментира анкетата на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), премиерот смета дека е респектабилен неговиот политички рејтинг од 5 отсто. Исто така, неговото име се наоѓа и на листата на тројца најдобри министри со рејтинг од 13 отсто пред, Оливер Спасовски (12) и Фатмир Битиќи (5).
„Јас немам да го коментирам личниот рејтинг на кој било политичар. Секој може да го коментира својот, јас ќе го коментирам мојот кој би кажал дека нашите граѓани знаат да препознаат кога некој го вложува сиот свој труд, напор и енергија во време на најголема економска и енергетска криза да се грижи за одржување на економска стабилност, енергетска стабилност, обезбедување топлинска енергија во Градот Скопје, иако тоа не му е обврска. Само се потврдува дека ако го погледнете делот во ’топ оф маинд‘ одговорите на испитаниците, тогаш практично зборувајќи за себе, бидејќи опфаќа 10 месеци од моето назначување, свесноста за работата растела со 1,44 проценти на месечно ниво што е прилично голем процент. Ако гледаме во однос на политичките рејтинзи тогаш и тоа е респектабилно со оглед на 10-месечниот период на управување со Владата“, изјави денеска Ковачевски.
Коментирајќи ги резултатите од анкета, според која 58 отсто од граѓаните сметаат дека државата не се движи во правилна насока, премиерот вели дека на тоа влијаел и периодот кога е правено истражувањето односно откако беше прифатен европскиот предлог за отворање на преговорите со ЕУ, а пред да се потпише договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик без фусноти и пред да започне преведувањето на европското законодавство на македонски јазик.
„Голем дел од одговорите не ме изненадуваат со оглед дека тоа беше период на прифаќање на европскиот предлог во Собранието. Тоа се случуваше во јули, анкетата е во септември, што секако влијае врз расположението на граѓани и градењето на перцепциите. Бидејќи знаете дека во тој период беше направена голема хистерија во однос на европскиот предлог, што тоа ќе предизвика, дека Македонците ќе го изгубеле својот јазик, дека ќе сме изгубеле идентитет – тоа го правеше опозицијата, пред сè Левица со нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ. И тоа сигурно дека влијаело врз перцепциите на граѓаните“, рече Ковачевски.