„Република Северна Македонија го слави Денот на НАТО со полно право како 30-та земја членка на Алијансата – најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски и демократски вредности. Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот во која граѓаните имаат сигурна иднина“.
Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4. Април.
Ковачевски порача дека ни се потребни предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ, бидејќи прашањето на проширувањето, веќе е и геостратешко и безбеносно прашање и дека евро-интегратвните процеси треба да започнат без ден одлагање и Северна Македонија да има кристално јасна перспектива во ЕУ.
„Процесот на интеграција во НАТО Алијансата беше долг, но сега во криза гледаме колку значи да се биде земја чија безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз. Продолжуваме мотивирано и одлучно кон остварување на втората наша стратешка цел – членство во ЕУ. Ја имаме целосната поддршка од САД и нашите европски партнери и високо ги цениме пораките за забрзување на отворањето на пристапните преговори со ЕУ. Северна Македонија целосно ја усогласи својата надворешна политика со политиките на НАТО и ЕУ, ги донесовме сите одлуки заедно со сојузниците, и ја оценивме руската воена агресија во Украина како неиспровоцирана и неоправдана и како сериозно кршење на меѓународното право и брутално загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Сите земји членки на НАТО се залагаат за итно запирање на воената агресија, а преземањето на активности за економска изолација на Русија ќе овозможи деескалација на воените активности“ – изјави Ковачевски.