Премиерот Димитар Ковачевски како одговор на новинарско прашање за платите на директорите на М-НАВ, на денешната заедничка прес-конференција со европратеничката Ираче Гарсија Перез, рече дека е задоволен од сите нови директори на државни институции и претпријатија кои се именувани откако тој е претседател на Владата.
– Има позиции кои што има нови директори и не треба да се прават сензационализми за платите, туку да се изберат вистински луѓе на вистинско место. Ја откако сум дојден имаме нов директор на Македонска пошта, имаме нов директор на Фондот за здравство, нов директор на Санитарен и здравствен инспекторат, нов директор на Финансиска полиција и низа други директори. Досега од тие кои јас сум ги поставил, не гледам дека има некои недостатоци, туку напротив, тие добро си ја работат работата, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека Законот за плати се работи од Министерството за информатичко општество и администрација и не е готов затоа што ќе ја опфаќа целата државна управа која е многу сложена. Таму треба да се донесеат нови правила за тоа колкави може да им бидат платите на одредени функционери.
– Ние во моментов имаме неконзистентни плати. Вие може да имате директор или члкен на управен одбор на јавно претпријатие кое работи со загуба, а при тоа да имаат плати поголеми од министри, наведе Ковачевски.