Ковачевски: Се обидуваме да направиме простор да нема ценовен шок со цената на струјата

„Годинава беше тешка, ќе биде тешка и следната, но АД ЕСМ ги впрегна сите свои сили и моќта на сите свои капацитети за да ја истераме грејната сезона најуспешно што може, најекономично и со доволно домашна електрична енергија. На крајот на декември работат сите електрани, двата блока во РЕК Битола, едниот блок во РЕК Осломеј, двата котли во ТЕЦ Неготино, гасната електрана Енергетика, хидроелектраните се на располагање, и ветерниот парк Богданци. Останува уште третиот блок во РЕК Битола, каде по инсталирање на носечката единица на трансформаторот и тој блок ќе биде во погон“

Ова меѓу другото го изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски во интервју за порталот „Пари.мк“.

Ковачевски рече дека „АД ЕСМ, по препорака од Владата, даде цени за енергијата кон ЕВН Хоум и Електродистрибуција, кои се поразлични од моменталните, односно во еден дел има зголемување, а во еден дел има намалување“.

„Се обидуваме со нашиот пристап да направиме простор да нема ценовен шок. Крајната цена за граѓаните и малите потрошувачи ја одредува Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на сите ставки кои ќе ги достават сите енергетски субјекти кои се вклучени во овој процес. За цената на електричната енергија на ЕВН Хоум во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри“ рече тој.

На прашање дека сите енергетски капацитети во државава се стари и дотраени и со години не се инвестирало во нив, Ковачевски вели дека „капацитетите одамна го надминале својот производен век препорачан од нивниот производител. Ние вложуваме многу средства и напор тие капацитети да се одржуваат, модернизираат, оптимизираат и да се прави сѐ што е можно да бидат што постабилни и посигурни. За жал, во изминатите 30 години како држава не сме вложиле во изградба на нови електрани, откако овие што ги набројавте веќе биле изградени. Ние сега имавме прво отворање на генераторот во ТЕЦ Неготино со негово ремонтирање и сервисни активности, првпат откако термоелектраната е пуштена со работа во 1978 година“.

„Нашиот план за производство, сега откако саниравме и ремонтиравме одредени делови од капацитетите, предвидува до крајот на грејната сезона, Неготино да работи непрекинато со два котли, РЕК Осломеј да работи со одредени паузирања согласно со потребите на конзумот, РЕК Битола да работи со три блока, исто така согласно со потребите на конзумот. Секако, одредени набавки преку ЕСМ Продажба веројатно ќе се прават како дополнувања за оние зголемени снабдувања што не спаѓаат во наша законска обврска, туку се доделени од страна на Владата кон АД ЕСМ како дополнителна обврска“ вели Ковачевски.