Ковачевски: Секогаш кога ѝ било тешко на Македонија, СДСМ била тука да помогне

„Гордост е, токму на Денот на независноста, како претседател да зборувам за патот на македонската државност, за европската иднина, но и за придонесот на СДСМ. Ако погледнеме наназад во изминатите 31 година, заклучокот е тој. Секогаш кога и било тешко на Македонија СДСМ била тука, водела напред и секогаш била на вистинската страна“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на традиционалниот народен пикник на Пеленица.

Тој додаде дека СДСМ е тука од процесот на создавање независна држава, меѓународно признавање, преку кандидатски статус, решавање на споровите со соседите и реализирање на стратешката цел, членство во НАТО, па се до почетокот на преговори со ЕУ оваа година.

„И затоа денеска после 31 година со гордост можам да кажам: Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и се уште е на вистинската страна на македонската современа историја. Денеска тоа е европската иднина на земјата, на сите наши граѓани. Конечно, после 17 години во чекалницата, успеавме и го направивме клучниот чекор од нашата последна етапа во евро-интеграциите. Започнавме преговори со ЕУ за полноправно членство, со чист македонски јазик, со сочуван македонски идентитет и посебност“ изјави Ковачевски.

Премиерот рече дека пред нас е сериозно тежок период, но дека ние сме подготвени и дека со одговорен и ефикасен пристап земјава ќе се справи и со најтешките глобални предизвици.