Сега треба да се донесе одлуката да продолжиме по европскиот пат и заеднички да ја обезбедиме европската иднина на граѓаните, на вас, младите. Трасираниот пат до ЕУ, иако нема да е лесен, мора да се изоди. Мораме да им овозможиме на нашите граѓани, на вас младите, на идните генерации да бидат дел од мозаикот на ЕУ, побогати и со подобар стандард од сега. Продолжување на европскиот пат е основа и можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард, можност за идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа да не биде во некоја друга земја, туку да биде дома, во Македонија.
Ова го истакнал денеска претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во дискусијата во рамки на Летниот камп на младите социјалдемократи во Охрид.
Како што нагласил Ковачевски, оваа Влада донесе многу тешки одлуки и покажа лидерство и храброст.
-Процесот на преговори беше мачен и тежок, но факт е дека ние од тој процес излеговме како земја која успеала да се избори за своите позиции. Со почетокот на преговорите и скринингот како и со потпишувањето на ФРОНТЕКС договорот, ние минатата година добивме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина, за европска перспектива на младите. Добивме и потврда дека македонскиот јазик е заштитен и е на исто рамниште со останатите јазици на ЕУ, потенцирал Ковачевски, соопштија од СДСМ.
Тој повторил дека клучната цел на политиката на СДСМ и на Владата што ја предводи е подобра, европска иднина на младите.
-Своите први чекори во политиката ги направив токму во Социјалдемократската младина на Македонија, а понатаму во добар дел од својот живот се посветив на едукација на младите, како професор. Денеска со гордост можам да кажам дека клучната цел на политиката на партијата и на Владата што ја предводам е подобра иднина за младите. Целиот наш фокус, нашата работа, одлуки, се што правиме е за иднината на младите дома. Токму СДСМ го започна процесот на евро-интеграции а од минатата година, после 17 години чекање отвори ново поглавје во нашиот европски пат, рекол Ковачевски.