Ковачевски: Северна Македонија и регионот припаѓаат во ЕУ, оваа историска шанса не треба да се испушти

Премиерот Димитар Ковачевски на сесијата: „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“, во рамките на Преспа форумот за дијалог, што се одржува во Струга рече дека „Политичката цел на Западен Балкан е полноправно членство во Европската Унија. Местото на сите држави од Западен Балкан е во ЕУ, а регионалните иницијативи се еден од начините на подобра соработка на патот кон полноправно членство во ЕУ. Сите држави од регионот практично сме на тој пат. Регионот денес го има потребниот лидерски потенцијал за носење на такви одлуки.

Според него „никогаш појасни не биле пораките од нашите стратешки партнери од ЕУ – дека до 2030 година е можно проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и дека сега практично работата е на нас, како ќе ги движиме процесите во регионот. Војната во Украина ја потсети Европа дека на географската површина на европскиот континент, постои геостратегиска празнина. Ние не треба да заборавиме дека војната во Украина се води на 700 километри од тука каде што денес седиме. Државите од Западен Балкан, чиишто европски определби не се спорни. Но секоја од државите има различен капацитет на отпорност на недемократските тенденции што доаѓаат однадвор, главно поради различното темпо на демократизација внатре во самите општества“.

„На сите нас – и на Западен Балкан и на Европа ни се потребни единство и стабилност, за да можеме да зборуваме за поединечните и заедничките перспективи и ова е првото нешто што мора да се има предвид. Војната на европскиот континент го вклучи алармот дека само обединета Европа, заедно со Западен Балкан во неа – е стабилна и безбедна Европа. Сè друго е дел од решението, а не и самото решение, што е потребно за сите нас. Во овој процес треба да се стимулира и поддржи затворањето на билатералните прашања, секаде каде што е тоа потребно. Затоа што, видовме дека соработката меѓу две држави е мотивација за поширока соработка, исто како што конфликтот меѓу две држави е тригер за пошироко недоразбирање, што го покажа со своите одрази руско-украинската војна“ порача Ковачевски.

Тој напомена дека „на нас е да носиме одлуки со изострен фокус, што нè носат во Европската Унија, бидејќи предизвиците како што и вчера кажав се можности, а како што реков, нашите неповторливи шанси се токму денес.