Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за австрискиот дневен весник „Ди Пресе“, порача дека во време на воената агресија на Русија кон Украина, членството во НАТО е од огромно значење за Република Северна Македонија, особено за нејзината економија.
„Неиспровоцираниот напад на Русија врз Украина докажува дека членството во најголемиот светски одбранбен сојуз НАТО, е од огромно значење за секоја членка. Ние сме мала земја. Нашата безбедност ја гарантираат сите членки на НАТО, што има многу позитивни последици за нашето општество – исто така и за нашата економија. Затоа што странските инвеститори, особено оние од инфраструктурниот сектор, знаат дека се во безбедна земја, заштитена од НАТО“ – вели Ковачевски.
Тој се осврнува и на континуираниот геостратешки интерес на Русија за Балканот.
„Западен Балкан отсекогаш бил од интерес за Русија. Нејзиното влијание преку медиумите, вклучително и преку некои политички партии, беше секогаш присутно. Русија има интерес од замрзнати конфликти на Балканот, кои им оневозможуваат на земјите да го изодат својот пат кон евроатлантските интеграции“, дополнува премиерот.