Ковачевски: Реформски ја унапредуваме јавната администрација

„Реформата на јавната администрација претставува еден од клучните приоритети и е важен предуслов во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија. Таа е опфатена во првиот Кластер, “Основи”, кој е пак е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина. Токму затоа, ние како земја која ги отпочна преговорите со Европската Унија, на овие реформски процеси гледаме како на клучни за развојот и динамиката на процесот на пристапување“.

Ова го порача премиерот Димитар Ковачевски на Министерската конференција на Западен Балкан за реформи во јавната администрација, која во Скопје ја организираа СИГМА/ОЕЦД и Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА).

„Со динамично темпо се справуваме со предизвиците што се пред нас, не само во насока на официјалното започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија, туку и во континуираната заложба да обезбедиме модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и компаниите. Дигитализацијата сама по себе не е исклучиво техничко-технолошки, туку е и општествен процес и препознавајќи ја значајноста на истата, ние како Влада ја продолжуваме силната политичка посветеност на процесот на реформите на јавната администрација“ вели Ковачевски.

Тој истакна дека „Министерството за информатичко општество и администрација подготвува нов осумгодишен стратешки документ за реформа на јавната администрација, а Советот за реформа на јавната администрација, продолжува да работи со континуирана политичка посветеност за остварување на заложбата за ефикасна, продуктивна и професионална јавна администрација“.