Ковачевски: РЕК Битола е подготвена да го издржи товарот на енергетската криза за периодот кој претстои

„Очекуваме понуди за природен гас, но бараме и предвидени количини за приватната гасна централа ТЕ-ТО, вклучувајќи вкупни количини за 6 месеци, околу 225 милиони нормални метри кубни“ – вели генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски во најновото издание на Трилинг.

Ковачевски рече дека ќе ги објават цените јавно и ќе се знае дали ќе има разлика во цената, во врска со берзанските.

„Грејниот период е со производство на топлинска и електрична енергија. Ние имаме договор за испорака на мазут. Од декември до мај следната година имаме повик, очекуваме договор за нова испорака на мазут. За природниот гас одлучивме да обезбедиме само за втората половина на октомври“ вели првиот човек на АД ЕСМ.

За увезувањето на гас, тој вели дека „во Европа најголем дел од гасот доаѓа од Русија. Ние како држава сме ограничени на еден извор, доводот на природен гас кој доаѓа од Бугарија“.

„РЕК Битола слави јубилеј 40 години, имаме стар капацитет, но е во добра кондиција. Направивме три капитални ремонти. Претходно имаше модернизација на Блок 2 и Блок 3. РЕК Битола е подготвена да го издржи товарот на енергетската криза за периодот кој претстои, за грејната сезона, само треба да се стави во функција Блок 3, тој е подготвен за стартување“ рече Ковачевски.

Осум проценти од струјата во земјава доаѓаше од ФЕНИ кој ги исклучи печките, а Ковачевски смета дека „како компанија ќе се вклучиме во дел на обезбедување на поевтина електрична енергија за бизнис секторот. Правиме напори да се обезбедат квалитетни понуди со ниска цена на гасот“.