Ковачевски: Пуштен во употреба затворениот базен во Струга

Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на официјалното отворање на затворениот пливачки базен во Струга, кој по 20 години беше целосно реконструиран. Базенот беше реконструиран со буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 1,6 милиони евра.

„По цели 20 години, го враќаме повторно она што им припаѓа на Струга и на стружани – затворениот пливачки базен-спомен на многу генерации, кој денеска и официјално се пушта во употреба. Со буџетски средства во износ од близу 99 милиони денари или 1,6 милиони евра, од корен, целосно го реконструиравме затворениот пливачки базен во Струга, кој беше оставен на забот на времето. Сите имавме можност да ја видиме видео презентацијата, да видиме како изгледаше овој објект до пред само извесно време, а како изгледа денес, еден преубав, еден од поубавите базени во државата. Овој базен сега има модерен изглед и повторно ќе биде гордост на Струга и гордост на сите спортисти и љубители на пливањето“ рече премиерот.

Тој напомена дека „покрај овие базени, Агенцијата за млади и спорт го гради и затворениот пливачки базен во Охрид, со вредност од 300 милиони денари или над 4,8 милиони евра. Со тоа, вкупната вредност за изградба на затворените базени во целата држава изнесува близу 12 милиони евра. Затворените пливачки базени ќе бидат можност за развој и на професионалното и на рекреативното пливање, а во насока на негување на спортскиот дух. Инвестициите во спортот се инвестиции во здрави и напредни генерации“.

„Затоа и дел од буџетските средства во износ од 32,5 милиони евра, кои неодамна ги пренаменивме за општините за проекти на локално ниво, се наменети и за реализација на проекти од областа на спортот“ рече Ковачевски.