Отворен Балкан на ниту еден начин не е замена за европските интеграции туку е иницијатива за поврзување на регионот, за поедноставно и полесно комуницирање меѓу граѓаните, полесно одвивање на трговијата и поголема комуникација како меѓу институциите така и меѓу компаниите со цел да се унапреди животот во државите во овој регион, истакна премиерот Ковачевски во интервју за регионалната ТВ мрежа „Ал џезеира“.
– Процесот што го спроведуваме со Отворен Балкан е подготовка на регионот за што побрза интеграција на ЕУ и ја има поддршката и од Брисел и од Вашингтон, дополнува во интервјуто Ковачевски.
Со Црвенковски не се согласуваат околу преговорите со Бугарија
-Ние сме членови на иста партија, кога тој бил претседател јас сум бил обичен член и сум учел политика од него, сега јас сум претседател на СДСМ и премиер и за многу работи со него имаме исто мислење, а за многу работи не се согласуваме. Договорот со Бугарија е основа за решавање на проблемите со Бугарија, историските комисии не се нешто ново, имаме таква со Грција но таму нема проблем затоа што историчарите не тераат политика туку тераат историска дебата. Ако историската комисија од бугарска страна не ја политизира својата работа туку си работи според она што е фактичка состојба за минатото нема да има големи проблеми, мораме со Бугарија да наоѓаме решенија кои не задираат во националните интереси на двете земји и двата народа – рече Ковачевски.