„Предложивме сеопфатен пакет мерки што се состои од 28 мерки и препораки. Одговорноста на сите политички партии е да го поддржат овој пакет на економски мерки, што тежат 400 милиони евра“.
Ова денеска го порача премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција, по објавувањето на пекетот мерки и препораки за справување со економската криза. Тој појасни дека дел од мерките и препораките, особено во делот на акцизата, во делот на ДДВ-то треба да се направат измени во законите за акцизата и за ДДВ, а тие, како што рече, веднаш ќе бидат пратени во Собранието.
„Сите пратеници, без исклучок од која политичка партија доаѓаат имаат одговорност и обврска пред граѓаните што ги избрале и пред сите граѓаните во државата“ – рече Ковачевски.
Премиерот даде дека ова не се само еднострани мерки, што се однесуваат само на акциза или на ДДВ, туку се однесувааат и на поддршка на граѓаните од најранливите категории, на поддршка на компаниите за задржување на нивната ликвидност и се однесуваат на мерки за зголемување на можноста за енергетска трансформација на компаниите по најповолни услови односно со субвенционирани каматни стапки.
Дел од мерките се намалување на повластената стапка на ДДВ за основните прехранбени производи на нула проценти и тоа ќе важи за лебот, шеќерот, брашно тип 400, зејтин, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца. Се замрзнуваат и маржите за основните прехранбени производи. Предвидени се и ваучери во вредност од 1.000 денари за купување на основните прехрабени производи за ранливите категории…
„Предизвиците пред нас се огромни. во услови на постпандемија се соочуваме со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храната и на енергенсите како резултат на воената агресија на Русија на Украина го чувствуваме и ние денес и сега. Дисбалансот на цените на основните продукти и енергенси не засега и нас. Ова ќе биде тешка година но со добри мерки и политики ќе ја премостиме“ – порача Ковачевски во Владата.