Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека на дел од правосудството му е потребен ремонт.
Ковачевски потврди дека со министерот за правда разговарале на оваа тема, но без навлегување во детали, бидејќи, како што рече, министерството на Лога е задолжено за изготвување на концепти, а пратениците за носење на законски одредби во делот на правосудството и на телата кои што ги избира.
Ковачевски, иако смета дека се потребни посериозни промени во правосудството, на став е дека одговорноста мора да биде индивидуализирана, односно дека има личности кои добро си ја вршат работата, но и поединци чии перформанси не се на потребното ниво.
Министерот за правда, пак, вчера најави дека ќе разговара со сите политичките партии за да има законски измени со кои ќе се разреши актуелниот Судски совет. Според него, тоа што се случи во Судскиот совет е загрижувачки и потребно е враќање на судското тело во нормала, кое тој го гледа во престанок на мандатот на сегашните членови на Советот.
Опозицијата пак денеска самата побара оставка од Судскиот совет во целиот, но и одговорност од владата за состојбата со Советот.