Ковачевски: Подобра соработка, подобра комуникација, засилена економска соработка!

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во своето воведно обраќање во Софија рече дека „е успех зашто заседаваме само една недела од нашата прва средба во Скопје“. Тој рече дека Скопје и Софија ќе покажат дека и на Балканот може да се соработува.

„Ова е успех зашто заседаваме само една недела од нашата прва средба во Скопје, на која се договоривме да работиме на теми кои се значајни за граѓаните – подобра соработка, подобра комуникација, засилена економска соработка. Затоа денес се работи на теми поврзани со Коридорот 8, образованието. Сето тоа треба да не доведе да и покажеме на Европа дека на Балканот може и треба да се соработува. Ќе покажеме дека сме пример за тоа како се соработува. Кирил и јас сме луѓе кои сакаат ексел табели и сакаат рокови и остварување“ – рече Ковачевски.

Премиерот порача и дека двете Влади ќе работат на теми кои се од областа на инфраструктурата.

„Двете Влади ќе работат на теми кои се од областа на инфраструктурата, конкретно на Коридор 8, патна инфраструктура, железничка инфраструктура и во делот на телекомуникациското поврзување. Потоа во делот на образованието, со што ги поврзуваме и младите со што правиме размена на идеи, знаење и тоа дава поголем ефект, отколку тоа го правиме сами“, рече Ковачевски.