Ковачевски – Пич: Северна Македонија придонесува во регионалната и европската стабилност

Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се сретна со Сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, придружуван од амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Метју Лосон.

На состанокот е разговарано за актуелни прашања во регионален и глобален контекст, во насока на стабилноста и мирот во Европа и во светот.

Во таа насока, поздравени се одлуките на Владата што го овозможија почетокот на преговорите и напредокот во евроинтегративниот процес како стратешка цел на Северна Македонија, а од важност за стабилноста и безбедноста и на регионот и на Европската Унија.

Нагласена е потребата за фокус на сите политички субјекти во земјава кон политиките на решенија, наместо политиките на блокади и продуцирање недоразбирања, посебно со земање предвид на актуелниот глобален безбедносен политички контекст.

Притоа, оценета е како значајна поставеноста на надворешната политика на Северна Македонија, на линија на политиките на државите од Европа, во однос на ситуацијата во Украина и придонесот на нашата држава, преку политиките на пријателство и дијалог, во регионалната стабилност.

Воедно се изразени честитки за потпишаниот договор ФРОНТЕКС, вчера во Скопје, на чист македонски јазик, со што се потврдени признавањето и почитта кон македонскиот јазик и македонскиот идентитет, од Европската Унија.