Ковачевски: Парно и гас ќе има и по 1. јануари

Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека парно за граѓаните и гас за компаниите ќе има и по 1 јануари и скопјани непречено ќе се снабдуваат.

Уверувањето од Ковачевски доаѓа откако утрово „ЕСМ продажба“ објави нов повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои можат да обезбедат и испорачаат потребни количества на гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за преостанатите потрошувачи на природен гас во државата.

Објавувањето на повикот доаѓа по најавите дека од 1 јануари „Макпетрол“ нема да испорачува природен гас до неговите корисници.

„Сакам да ве уверам дека парно за граѓаните ќе има и ние постојано работиме од првиот ден на оваа влада граѓаните на Скопје да имаат парно и непречено снабдување со електрична енергија. Сметам дека во енергетска криза треба да има пристап кон работата кој не вклучува уцени. Тоа не е начин, ниту пак на тој начин се добиваат било какви резултати. Ниту пак граѓаните и економијата имаат било какви придобивки од таков пристап. Мора во време на криза сите одговорно да се однесуваме“ – изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Според Ковачевски, либерализацијата на пазарот е неопходна и за тоа веќе долго време се разговара и неминовно е дека тоа ќе се случи еден ден.

„Ќе повторам парно за граѓаните ќе има и гас за компаниите ќе има. За таа цел утрово ‘ЕСМ продажба’ објави повик за прибирање на понуди од домашни и странски компании кои можат да обезбедат и испорачаат потребни количества на гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за останатите потрошувачи на природен гас во државата – пред се поголемите производствени и услужни капацитети со кои со дел јас сум во директна комуникација со нивните главни извршни директори со оглед на тоа дека се работи за големи капацитети“ – нагласи премиерот Ковачевски.