Ковачевски: Парите ги насочуваме кај вистинските земјоделци, нема партиски списоци за делење на субвенции

СДСМ вистински се грижи за секоја земјоделска гранка подеднакво и го вреднува трудот на земјоделците, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Говорејќи за идните мерки за развој на земјоделството, Ковачевски посочи дека секој што ги исполнува критериумите добива финансиска поддршка за земјоделското производство.

„Парите ги насочуваме кај вистинските земјоделци, нема партиски списоци за делење на субвенции, како во едно друго време. Нема веќе земјоделци кои седат во јавна администрација и кои земјоделство не виделе а добиваат субвенции. Денес, субвенции се исплаќаат според реформираниот модел за субвенции, во согласност со правилата на ЕУ и ги добиваат вистинските земјоделци добиваат субвенции, и добиваат 30% авансно“, рече Ковачевски.

Во однос на идните политики и мерки, Ковачевски потенцираше дека СДСМ е партнер на земјоделците и поддршката ќе продоложи и во вториот мандат на Владата предводена од СДСМ.

„Овие позитивни резултати се само поттик за понатаму. Ние имаме и план за следниот период во кој земјоделците ќе се вреднувани како и досега и ќе се наш вистински партнер, затоа што реалниот развој на економијата и подобрувањето на животниот стандард зависи и од нив. Ако од 2020 до 2024 се исплатени 560 милиони евра во директни плаќања, за периодот 2024-2028 година, вкупниот буџет ќе го зголемиме на 750 милиони евра за земјоделците. Оваа мерка покрај тоа што директно ќе ја подобри состојбата во земјоделството, ќе има ефект и на извозот. Со ова очекуваме извозот од земјоделскиот сектор од сегашните 700 милиони евра да се зголеми на една милијарда и 250 милиони евра до 2028 година. Програмата за рурален развој исто така ќе ја зголемиме и тоа за 20%, со што буџетот за таа намена ќе биде над 100 милиони евра за периодот 2024-2028 година“, изјави Ковачевски.