„Пораките за надеж и желба за просперитет во постпандемскиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега одекнуваат силно по посетата и во тој дух верувам дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи“.
Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски по денешната средбата со папата Франциск во Ватикан. Двајцата соговорници се согласиле дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување и политики.
Ковачески додаде дека средбата со папата Франциск и особено средбата со државниот секретар Паролин ги искористиле за разговор околу можностите за соработка во областа на високото образование со институциите на Ватикан.
„Почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата на Северна Македонија“ – додаде Ковачевски.
Тој напомена дека пораките за надеж и желба за просперитет во постпандемскиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега одекнуваат силно по посетата и во тој дух, како што потенцираше, верува дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство.
Прашан какви се очекувањата од следната средба со бугарскиот премиер Петков, Ковачевски рече дека ќе имаат средба на која ќе разговараат за напредокот на разговорите помеѓу Министерствата за надворешни работи.