Ковачевски: Очекувам извинување од ВМРО-ДПМНЕ за лагите!

Претседателот на СДСМ – Димитар Ковачевски очекува извинување од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за лагите кои, како што вели, опозицијата ги пласира за него, во очаен обид да го свртат вниманието од корупцискиот скандал во којшто се најде Мицкоски, тежок 136 милиони евра.

„Тоа е очаен обид на опозицијата да го сврти вниманието од корупцискиот скандал во кој се најде нивниот претседател, кој го обелоденија од нивната партија, нивниот градоначалник во Скопје за местење на тендер од 136 милиони евра. Она што најмалку може да го направи ВМРО – ДПМНЕ е да се извини, односно да се извини нивниот претседател. Бидејќи тој е нарачател, бидејќи тој е фатен во корупциски скандал од 136 милиони евра и претходно во други корупциски скандали за кои што се откажуваше од своите пријатели, другари. Прво да се извини, да не ги тера пратениците да изнесуваат невистини, квалификации, конструкции со оглед на тоа јас од нив ќе побарам прво извинување а потоа се она што следува врз основа на законските регулативи“ – рече Ковачевски.

Тој вели дека ги има повлечено целосно финансиските удели во Пиксел Гроуп и нема никакви обврски ниту интереси, ниту пак има некаква улога во работењето на компанијата. Претседателот Ковачевски додаде дека е човек кој транспарентно пријавил во Анкетниот лист се што поседува и дека се што досега работел во животот било најтранспарентно и согласно сите законски прописи.

„Со преземањето на политичка функција како заменик министер за финансии јас си ги повлеков своите средства од ПИКСЕЛ ГРОУП, компанија во која сум бил основач и сум бил горд на тоа. Со продавањето на уделите јас таму немам ниту било какви интереси ниту било какви обврски во однос на работењето или управувањето на таа компанија“ – рече Ковачевски.

Тој смета дека секој човек мора да функционира врз одредени етички норми и оцени дека конструкциите на ВМРО-ДПМНЕ и фабрикуваните невистини се „најдолни лаги“.

„Јас сум веќе 2 недели под константни напади од страна на ВМРО – ДПМНЕ и тоа со конструкција на најдолни лаги. Во однос на првата се обратив во Собранието каде што точно може да чујат сите граѓани. Во однос на ова сметам дека треба да се извинат, затоа што јас 22 години сум работел во приватниот сектор на најтранспарентен и законит начин. Не може да се прават конструкции за тоа како функционираат компании кои што се независни во своето работење и функционираат врз основа на закони. Дали тоа значи дали ќе има тужби или не тоа не може да зависи од мене затоа што не сум јас ниту правник ниту адвокат, меѓутоа сметам дека тоа треба да го направат бидејќи конструирање на лаги – целта е да се оттргне вниманието од тоа што тој треба да објасни што се случувало со тендер од 136 милиони евра во Водовод – Скопје. Ниту јас го обвинив, ниту СДСМ, него го обвини ВМРО – ДПМНЕ, партијата во која што е претседател затоа што градоначалникот на Скопје е од ВМРО – ДПМНЕ. Арсовска ја чекаа со трубачи во ВМРО – ДПМНЕ, не ја чекаа во СДСМ“ рече претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.