Ковачевски: Отвораме најголем форензички оддел во регионот, нашата борба со криминалот е бескомпромисна

Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на отворање на нов објект за форензички испитувања, во рамки на Министерството за внатрешни работи.

„Работа по систем и стандарди е она што оваа Влада го вреднува и имплементира, а е одлика и на работата и функционирањето на земјите членки на Европската Унија. Во нашата независна историја, веќе триесет години опстојува исклучително високо ниво на поддршка на граѓаните во однос на потребното членство во Европската Унија. Во сите овие години, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра, средства кои нашата држава ги добила преку грантови и макрофинансиска поддршка, кои ни овозможиле ликвидносна поддршка, забрзување на деловната активност и индиректно, повисоки плати и пензии, намалување на невработеноста, зголемени странски инвестиции и изградба на подобра инфраструктура во државата“ рече премиерот.

Тој напомена дека „нашата европска ориентација како Влада носи резултати. Во изминатите години, Северна Македонија е носител на позитивни политички и економски текови. И во услови на најголемата светска економска и енергетска криза, се случуваат капитални инвестиции, растат платите и пензиите, помагаме за одржување на ликвидноста на стопанството, но и за подобрување на животниот стандард. Економскиот модел на Владата, резултира со двојно повеќе раст на минималната плата, просечната нето плата историски е највисока и веќе изнесува над 36.000 денари, а тоа е зголемување за цели 63% во споредба со 2016. Пензиите се повисоки за речиси 50%, а паралелно над државниот просек се и платите во ТИР – зоните. Ако во 2016 година странските инвестиции изнесуваа 338 милиони евра во 2022 година во услови на криза изнесуваа речиси 754 милиони евра или двојно повеќе од 2016 година. Инвестициите во ТИРЗ во 2016 година кумулативно изнесуваа 600 милиони евра, а во 2023 година се речиси две милијарди евра“.

За посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која е најавена за крајот на овој месец тој рече дека на средбите ќе стане збор за скрининг процесот, инвестициите, но и за продолжување на евроинтеграцискиот пат.

„Ние сме држава која во моментот е најдобра во регионот, и секако дека и Европската Унија што веќе го отпочна процесот за свое реформирање и ќе прима нови членки сака да ја види земјата како дел од ЕУ оти оној што е најдобар треба и прв да влезе“ – рече Ковачевски.

Премиерот вели дека „не би користел зборови како `убедување` кога станува збор за посетата на Фон дер Лајен бидејќи такви споредби милува опозицијата“.