Ковачевски од Преспа: Реалистично гледаме кон 2030 година како на достижна цел за полноправно членство во ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски на сесијата „Договорот од Преспа за пет години: предизвиците претворени во можности“, во рамки на „Преспа форум дијалог“ во обраќањето кажа дека со одговорното практикување на доверената доверба од граѓаните за само пет години Република Северна Македонија стана рамноправна членка на НАТО.

-По долги 17 години, минатата година успеавме да ги отворивме преговорите со Европската Унија, со целосна заштита на идентитетските одредници. Пример сме во регионот и во Европа за успешна, функционална, мултиетничка држава, во којашто граѓаните имаат еднакви права и одговорности пред законите. Пример сме за држава којашто преку функционални политики на дијалог ги унапредува добрососедските односи, истакна Ковачевски.

Тој додаде дека земјите членки на ЕУ, НАТО и САД во Република Северна Македонија гледаат фактор на стабилност и безбедност во Европа.

-И поради сето ова, денес реалистично гледаме кон 2030 година како на достижна цел за полноправно членство во Европската Унија. Република Северна Македонија покажа дека ниту еден искрен напор, не е залуден. Доказ е Договорот од Преспа, којшто пред пет години беше решение на билатерален спор, а денес е модел за перспективи.