Ковачевски од Неготино: Што градоначалник е тоа што не може три плочки да поправи, а се фалат ќе поправале цела држава

Граѓаните ќе се сетат, кога се смени власта во градот Скопје и кога дојдоа ВМРО-ДПМНЕ исто како што дојде и во Неготино со нивните градоначалници, беше под сериозна закана да останеме без нормални услуги во општините. Го гледам овој плоштад во Неготино, целиот искршен. Што градоначалник е тоа што не може три плочки да поправи, а се фалат ќе поправале цела држава. Ова го истакна вечерва од Неготино, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на граѓански митинг.

Свесен сум, подвлече, дека нашата инклузивност и концептот на едно општество за сите, често беше злоупотребувана од одредени политички сили и структури во земјата, за лична корист.

Ковачевски потсети дека со СДСМ Македонија стана земја кандидат за членство во ЕУ.

– СДСМ заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски. Режим кој ја блокираше целата наша иднина. СДСМ е заслужен што Македонија стана рамноправна земја членка на НАТО, а ефектите ги чувствуваме денес. Ви гарантирам, СДСМ заедно со вас, со граѓаните ќе ја внесе земјата и во ЕУ и од тоа нема да се откажеме. И јас, но и сите ние во СДСМ, можеби ја плаќаме цената на тешките одлуки, но тоа не смее да не одврати од идејата за прогрес и за суштински напредок на државата. Македонија мора да биде европска земја и нема друг начин како да се направат вистински и опипливи промени дома, истакна Ковачевски.

Оние граѓани што избраа да не излегуваат на избори на 24 април, рече дека ги поттикнуваат да излезат сега и да го дадат својот глас за европската иднина.

– Подаваме рака на сите прогресивни и проевропски сили за идна соработка. Повикуваме на општа мобилизација на сите напредни граѓани на 8 мај. Мора да одиме напред, не смееме да дозволиме да се вратиме назад, во немири, внатрешни поделби и конфликти! Патот напред е јасен – иднина во Европската Унија, рамо до рамо со западните демократии. Овие избори, ве повикувам да гласаме за, за европска и сигурна и за подобра иднина на Македонија. Да не дозволиме да се вратиме назад во времето на 11-годишното владеење на Груевски и ДПМНЕ, порача Ковачевски.

Граѓаните кои ќе излезат на гласање на 8 мај, истакна, мора да имаат предвид дека иднината на земјата е под сериозна и опасна закана.

– Ако десничарска партија добие таква моќ, со сите државни ресурси на располагање, може да се соочиме со крај на нашата европска перспектива.Тоа ќе стави крај и на независните медиуми, додаде Ковачевски.